Северна Кореја, од говорницата на Генералното собрание на ОН, упати критика до САД за нивната „арогантност и непријателска политика“, како и до Јужна Кореја за нејзиниот „конфликтен пристап“.
Севернокорејскиот заменик-министер за надворешни работи Пак Кил-јон изјави дека САД се стремат кон воена доминација во Североисточна Азија, обвинувајќи го Вашингтон дека ги злоупотребува своите надлежности во Советот за безбедност на ОН.
Пак истакна дека усвоената Резолуција во Советот за безбедност на ОН во јануари, со која се воведени санкции против Пјонгјанг поради лансирањето ракети со голем дострел, била „нечесна“.
Северна Кореја ги изнесе ваквите обвинувања во момент кога американскиот министер за одбрана Чак Хејгл се наоѓа во посета на Јужна Кореја, која е клучен сојузник на Вашингтон во регионот.