Во вчерашните активности на даночните служби во Скопје затворени се 11 деловни објекти во населбите Автокоманда, Синѓелик и Маџари, меѓу кои и познат хотел во центарот на Скопје.
Регистриран е и еден случај на обид за спречување контрола на фискализација во познат маркет, на патот Синѓелик-Арачиново.
– При контролата, даночниот обврзник се обидел да ја уништи сопствената финансиска документација која била предмет на проверка, а во која даночниците утврдиле прикривање на готовинскиот промет. И покрај тоа контролата е успешно завршена, соопшти УЈП.
Финансиските контроли во Охрид, посочуваат оттаму, потврдија дека стоматолошката дејност е се уште ризична од даночен аспект. Со неправилно финансико работење, буџетот го оштетиле осум субјекти на кои им е изречена глоба и времена мерка забрана за вршење дејност.
– Според податоците и она што е утврдено на терен од почетокот на годината, најголем даночен ризик од 27,16 отсто е забележан кај субјекти кои вршат спортски и забавни дејности (фитнес, аеробик и сл. клубови), 13,95 кај козметички и фризерки студија, 11,54 кај фото студија, 9,59 отсто спортски обложувалници и како помалку ризично (под седум проценти) вршењето стоматолошка и офтамолошка дејност, велат од УЈП.