Украинската воздушна одбрана собори најмалку 50 од вкупно 70 проектили лансирани денеска од руските сили, насочени кон енергетската инфраструктура на Украина, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Денес (рускиот претседател Владимир) Путин намерно го избра Божиќ за да нападне. Што може да биде понечовечно? Повеќе од 70 проектили, вклучително и балистички ракети и повеќе од сто нападни беспилотни летала“, рече Зеленски во објавата на „Телеграм“.
Зеленски истакна дека цел на нападот била енергетската инфраструктура, и дека поради нападот дошло до прекин на електричната енергија во неколку региони на Украина, пренесува Ројтерс.
„Целите се нашиот енергетски сектор. Тие продолжуваат да се борат за затемнување во Украина“, рече Зеленски.
Украинските градови беа цел на голем руски напад на Божиќ. Како што пишува Би-Би-Си, додека милиони Украинци го слават Божиќ, Русија изврши голем напад со проектили и беспилотни летала врз енергетската инфраструктура на земјата.
Во Киев луѓето се засолниле во метро станиците по предупредувањата за напад со дрон. Има прекини и ограничувања во снабдувањето со енергија низ целата земја, вклучително и делови од Киев, јавува Би-Би-Си.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вториот по големина град во Украина, во близина на руската граница, е под „масовен“ ракетен напад и дека се слушнале серија експлозии. Најмалку шест лица се повредени, изјави шефот на регионот Харков, Олег Синебухов, пренесе Би-Би-Си.