Хотелот „Стоун бриџ“ (Stone Bridge) кој се наоѓа на влезот на Старата скопска чаршија е заграден со скелиња и деновие почна да ја реконструира својата фасада.
Од новите детали во златна боја, со кои се украсува фасадата на овој скопски хотел, може да се види дека стилот на фасадата комплетно се менува и најверојатно се претвора во барокен.
Со тоа ќе се вклопи во целокупната барокна околина на хотелот, кој се наоѓа на плоштадот „Карпошово востание“ со кој доминира споменикот на Филип Втори и фонтаната со Олимпија.
А1 он побара одговор од хотелот, но од оттаму се уште нема информации дали фасадата се реконструира со цел да се вклопи во стилот на околните градби.
Хотелот „Стоун бриџ“ беше пуштен во употреба во 2005 година, како инвестиција од 7,2 милиони евра на бизнисменот Ајдован Адемовски, кој го доби тендерот за изградба на хотелот „Хилтон“ во населбата „Аеродром“, инвестиција вредна околу 30 милиони евра.
Александра Бубевска