Во Хаифа, на северот на Израел, има огромна подземна болница длабоко под земја. Внатре во бетонските ѕидови на болницата се наредени стотици кревети. По ќошињата има наредени операциони сали, породилно, медицински материјали, но се уште нема пациенти.
Медицинскиот центар Рамбам ја изгради оваа болница по војната меѓу Израел и Хезболах во 2006 година. Болницата е во состојба на готовност по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година и израелската воена кампања во Газа што следеше. Институцијата располага со повеќе од 2.000 легла.
Во случај на голем напад врз Израел, ќе ги прими постоечките пациенти од копнениот медицински центар и другите блиски болници. А има и место за лекување на повредените. Додека се наѕира сеопфатна регионална војна по убиствата на политичкиот водач на Хамас Исмаел Ханије и високиот командант на Хезболах Фуад Шукр минатата недела, лекарите овде велат дека се подготвени за голем напад на Хаифа.
„Кога ќе се случи тоа? Никој не знае. Многу зборуваме за тоа“, вели д-р Ави Вајсман, медицинскиот директор на центарот. Тој признава дека луѓето се загрижени, а тој и неговиот персонал само се надеваат дека секоја ескалација на насилството нема да трае долго.
Близината на Хаифа до Либан и ракетите на Хезболах го прават градот ранлив. Луѓето кои живеат овде се навикнати на вежбање на секои неколку месеци. Училишните деца редовно практикуваат што да прават во случај на напад.
Хаифа е таканаречен мешан град, место каде што живеат значителен број израелски Арапи заедно со израелските Евреи.