Перу ја замени Колумбија на позицијата најголем производител на кока во светот, се наведува во анализа на ОН.
Според извештај на Службата за наркотици и криминал на ОН, во текот на минатата година насадите од кока во Перу заземале површина од 60.400 хектари, што е за 20 проценти повеќе отколку во Колумбија.
Напорите за уништување на насадите од ова растение во Колумбија помогнале во намалување за 25 проценти на површините на кои се одгледува коката, сведувајќи ја на 48.000 хектари во текот на 2012 година.
Во Перу во текот на 2012 година првпат во последните седум години запрело зголемувањето на површините што се зафатени со насади од ова растение, што се користи за производство на кокаин. Во минатата година тие биле за 3,4 проценти помали, отколку во 2011 година.
Перуанскиот претседател Оланта Умала, кој дојде на функцијата пред две години, ја засили борбата против одгледувањето на кока и презема строги мерки против бунтовниците, кои го контролираат шверцот со наркотици во регионот што опфаќа неколку долини во перуанската џунгла.