Течат роковите за приговори до ДИК, нема прегласување на трите избирачки места во Куманово, ќе бидат разрешени избирачките одбори

Од:

Гласањето на трите избирачки места во кумановско каде вчера имаше прекин повеќе од три часа нема да се повтори бидејќи тоа не влијае на конечните резултати, а ќе бидат разрешени и избирачките одбори на овие избирачки места, одлучи Државната изборна комисија.

На седница одржана попладнево беше образложено дека избирачките одбори не постапиле согласно упатствата на ДИК.

– Врз основа на пристигнатите записници од ОИК доставени до ДИК и од увидот во истите и комуникацијата што ја имавме остварено во текот на вчерашниот ден со ОИК Куманово утврдивме дека избирачките одбори на овие три места немаат постапено соодветно на упатствата што ги носи ДИК, рече Бобан Стојановски од ДИК.

Исто така ДИК ја задолжи и правната служба да утврди дали има основи за одговорност на избирачките одбори.

– Ова го правиме не само затоа што има законска основа за разрешување, туку и поради нашата законска обврска да се грижиме за законитоста и да испратиме во очи на вториот круг од претседателските избори и парламентраните избори генерална порака за правата и одговорностите на органите за спроведување на изборите. Тоа ќе биде порака до сите избирачки одбори дека треба да си ја вршат работата одговорно и согласно законот, рече Борис Кондарко.

ДИК одлучи избирачките одбори на 8 мај кога ќе се одржи вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори да имаат по седум члена наместо сегашните пет члена со цел подобра ефикасност во организацијата на работа, избегнување на гужви на гласачкото место и избегнување на можноста од евентуални грешки.

Според првичните официјални резултати што попладнево ги објави ДИК, во вториот круг од претседателските избори влегуваат кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

За Силјановска-Давкова гласале 363.086 гласови или 40.08 проценти, за Пендаровски 180. 500 гласачи или 19,92 проценти, за Бујар Османи од ДУИ 121.088 или 13,07 проценти, за Максим Димитриевски од ЗНАМ 83.856 гласови или 9,26 проценти, за Арбен Таравари од албанската опозиција Вреди 83.393 гласови или 9,2 проценти, за Билјана Ваковска од Левица 41.331 глас или 4,56 проценти и за Стево Јакимовски од ГРОМ – 8.121 глас.

Во првиот круг на гласање излегле 905.971 граѓани односно 49,93 проценти. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 908.384, а вкупен број на неважечки ливчиња 24.562 или 2,71 проценти.

Приговорите за постапката на гласање може да се поднесат до ДИК до утре до 19 часот, а до утре на полноќ истекнува и рокот за приговори во однос на сумирањето на резултатите од изборите. ДИК е должна да донесе одлука во рок од 72 часа по приемот на приговорот, а кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемнот на тужбата.

Би можело да ве интересира

Сиљановска води повеќе од двојно пред Пендаровски, покажуваат бројките на ВМРО-ДПМНЕ

Сиљановска од Струмица: Оттука ќе тргне политичкиот вулкан и ќе стави крај на феудалните енклави на замислените европјани

А1он

Сиљановска води во сите скопски општини: Предност пред Пендаровски има и во Чаир, Сарај, Шуто Оризари

Мицкоски: Мислеа дека си имаат работа со мали деца, победуваме со повеќе од 170.000 гласови разлика

A1on

Пендаровски: Резултатите не се како што очекувавме, веројатно разликата ќе биде околу 130 илјади гласови

Александар Тодески

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува