Намачкани со саѓи, со долги бели волнени бради и тешки клопотарци на себе, правејќи врева, џоломарите од тиквешкото село Бегниште ги бркаат злите духови и носат бериќет во новата година.
Никој од нив не знае од каде потекнува обичајот и од каде доаѓа името џоломари, но Џоломарскиот обичај се негува најмалку 500 години и во својата изворна форма се пренесува од колено на колено.
Ритмичкото ѕвонење на клопотарците додека се игра паганското оро сред село рано наутро на големиот празник Василица е доживување кое тешко се заборава и е доволно да го стави Бегниште на мапата на задолжителни места кои треба да се посетат во јануари.
Орданчо Лазаров е предводник на Џоломарите од Бегниште чиј обичај е прогласен за нематеријално културно наследство.
Подготвувајќи се за паганското оро со маската на древно страшилиште пред да го изведе ритуалот полн со драмски и комични сцени, Лазаров откри дека ова е многу важна традиција за него и семејството иако ниту неговите претци не знаеле од каде потекнува овој обичај.
– Џоломари биле мојот дедо, мојот татко се уште се маскира и игра. Сега се маскираме и јас и брат ми, а наскоро и нашите деца. Од семејството сите мажи сме вклучени во традицијата која е стара паганска и се пренесува од колено на колено во својата изворна форма. Ништо не е променето досега и настојуваме ништо да се менува – раскажува Лазаров.
За да се стане џоломар потребна е голема љубов кон обичајот и добра физичка кондиција за да се издржат десетина часа активност со тропање ѕвонци, трчање, бркање и играње паганско оро. Ритуалот почнува од рани зори до зајдисонце:
– Џоломарската група ја сочинуваат околу дваесетина мажи кои носат волнени наметки, качулки, панталони, волнени чорапи, гумени опинци и кожни ремени на околу половина со најмалку десет клопотарци и ѕвонци кои тежат околу 15 килограми. Мустаќите и брадата се исто така од волна, а под облеката се става и вештачка грпка. Лицето на џоломарот е намачако со саѓи од фурните. Жени не учествуваат во овој ритуал. Така останало со векови и тоа е најверојатно поради патријахалното уредување кога почнала оваа традиција.
Во дружината има две невести и една баба кои исто така се претставени од мажи. Невестите ја претставуваат новата млада година што доаѓа, додека бабата е целата облечена во црно и ја претставува старата година што заминува. Во групата постои и магаричар кој е задолжен за магарето со кое се коледува од куќа на куќа – објаснува Лазаров.
Вечерта на 13 јануари пред Василица се пали огнот и се собираат сите од селото, а се маскираат децата. Рано изутрина на Василица се облекуваат тешките маски, се игра паганското оро, се удира со стап по задникот на случајните минувачи за да им донесе среќа, а потоа со накитено магаре се оди од куќа на куќа. Чинот завршува со собирање на подароците од храна и заедничка гозба која е отворена за сите присутни.
Според етнолозите, мистичните џоломари чуваат непроменета претхристијанска традиција во која ништо не е сменето, ниту костумите, ниту маските, ниту начинот на играње. И ова, го прави Џоломарскиот обичај уникатен во регионот.
– Уникатен е затоа што го нема на други места и е во изворна форма, не се импровизира со други маски, а материјалите за маскирање се задржани. Не менуваме со модерни материјали како други групи, користиме ткаена волна на разбој и ништо друго. Качулките се ткаени од волна, а од природни материјали мора да бидат изработени и брадата и мустаќите – истакна Орданчо.
Групата покрај ритуалот за Василица учествува на карневалите во Македонија и во странство каде што паганската традиција е раширена, а Џоломарите досега учествувале на настани во Прилеп, Струмица, антички театар Стоби, на фестивали во Птуј, Словенија во Перник, Јамбол и Варна, Бугарија.
Џоломарите беа инспирација за стиховите од песната „Џоломар”, напишани од покојниот кавадаречки хуморист Илија Неделков-Ограјски.
„Господа и дами со и без чалами и галами, нека знае Интерпол и Ција, оти никогаш нема да се откажеме од оваа традиција. Сè на светот да се фироса и сокине, џоломарското име нема да загине”.
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.