Грчкиот главен град Атина викендов ќе биде домаќин на првиот турнир од Светската 1 Премиер карате лига А серија, а на него ќе учествуваат и членови на скопскиот клуб „Макпетрол“. Најквалитетните светски каратисти ја отвораат сезоната во лигата на турнири организирани од Светската карате федерација.
Пријавени се делегации од 81 држави, со 1094 спортисти, кои што од 12 до 14 јануари ќе се натпреваруваат во Атина. Сениорскиот тим на „Макпетрол“ ќе учествува со осум спортисти во машка и во женска конкуренција.
Претставниците на скопскиот клуб се добро подготвени. Тие на почетокот на годината заминаа во Охрид, каде што една недела се подготвуваа непосредно пред овој турнир и очекуваат да имаат добри настапи на почетокот на новата сезона која започнува со овој натпревар.
На турнирот во Атина ќе учествуваат следните каратисти од „Макпетрол“: Петар Заборски (-75 кг.), Петар Спасеновски (-84 кг.), Давид Петков (-67 кг.), Стефан Стојановиќ (+84 кг.), Витомир Трајковски (-84 кг.), Симона Заборска (-55 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Јована Мицовска (-61 кг.).