Амандманите на Буџетот за 2024 година за мерки од животната средина преку кои треба конкретно да се намали аерозагадувањето, не се прифатени од пратениците во Собранието.
Во Собранието отфрлени се амандманите за одвојување на 22.140.000 денари или 350.000 евра за купување на инструменти за мерење на ПМ10 и ПМ2,5 честички, амандманот со кој се бара обезбедување на 30.000 евра за континуирано мерење на тешки метали во воздухот.
Одбиен е и амандманот со кој се предлага обезбедување на средства од 7.380.000 денари или 120.000 евра за поставување на 1,000 филтри од домашно производство (од овој тип на филтер има поставено во Дрисла на печката за согорување) за отстранување на најголемиот дел на ПМ честичките кај домаќинства кои се греат на дрва во една населба, пример Ново Лисиче како најзагадена. Филтерот нема потреба од заменување, само чистење.
Отфрлен е и амандман со кој се предлага обезбедување на средства од 553.000 денари за поставување на домашен изум на вшмукувачи на околу 1,000 м3/ч издувни гасови од сообраќај на 3 места во Скопје на најфреквентни раскрсници.
„Се работи за вкопани контејнери во земја од околу 800-900 кг вода со вентилатори со автоматско функционирање. Се поставуваат во средишниот дел на булеварите или кај пешачките премини. Загадувањето на воздухот од сообраќјот е големо на прометните раскрсници каде се изложени сите граѓани кои чекаат да го преминат булеварот“, се вели во амандманот.
Одбиен е амандман со кој се предлага да се обезбедат средства во висина од 86.100.000 денари или 1,4 милиони евра за поставување на 200 автоматски пиезометри низ државава за мониторинг на подземните води, потоа мандман со кој се предлага да се обезбедат средства во висина од 22.000.000 денари или 350.000 евра за пречистителна станица на депонијата за отпад Дрисла Скопје. Со еден од амандманите се предлага да се обезбедат средства во висина од 184.500.000 денари три милиони евра за промена на начинот на загревање на здравствените и образовни установи и јавни објекти кои користат мазут или нафта (екстра лесно) во најзагадените градови.
Одбиено е барање за обезбедување средства од два милиони евра за постројка за секундарна селекција на комунален отпад во Дрисла и 2,5 милиони евра за црпење на депониски гас и поврзано производство на електрилна енергија на депонијата.
Не е прифатен ниту амандман од 300.000 евра за субвенции од 300 евра за поставување на плински уреди во возилата.
Од еколошката организација О2 Иницијатива обвинија дека одговорот на заменик-министерот за финансии Филип Николоски за амандманот за замена на начинот на загревање на здравствените и образовни установи и јавни објекти кои користат мазут или нафта (екстра лесно) во најзагадените градови , бил секоја година ист : за тоа имало заем од ЕБОР за енергетска ефикасност.
„ Секоја година се дава тоа објаснување и нема никаква замена на начинот на загревање на овие објекти. Така и за 2024 год., пари за замена на начин на греење на јавни објекти нема. Владата инаку се обврза дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење“, објаснија од О2 Иницијатива.
Ако се усвоеја сите амандмани за заштита на животната средина, ќе се издвоеја 0.15% од вкупните расходи од Буџетот кој надминува шест милијарди евра.