Системот „Најди ме“, кој ќе почне да функционира следната недела треба да помогне во случаите со исчезнати деца, но сепак мора да се внимава и со ширењето на дезинформации, вели Александра Радевска од здружението „Новинари за човекови права“ во интервју на А1он.
На прашање дали овој систем би помогнал во случаи како оној со 14 годишната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната, а потоа беше пронајдено и нејзиното тело, вели дека статистиките покажале дека „Амбер алерт“, систем по чиј пример е граден и македонскиот „Најди ме“, покажал дека во 80 отсто од алармирањата кои биле објавени дале резултат со информации во рок од 72 часа и најчесто завршувале со пронаоѓање на детето.
„Статистиките се неблагодарна работа, особено кога се работи за човечки живот. За нас и едно исчезнато дете е премногу, ние би сакале статистиката да биде нула, во тој смисол, статистиката и на деца кои трагично го загубиле животот да биде нула, меѓутоа реалноста не покажува дека може да биде така. Во идеално општество можеби би било, но засега сме далеку од општество. Статистиките на „Амбер алерт“ покажуваат дека 80 отсто од алертите кои биле покренати од исчезнување на дете, после 72 часа завршуваат со успешен резултат, со некаква информација и најчесто со наоѓање на детето. Никој не може да гарантира тоа за секој случај, бидејќи секој случај е индивидуален во однос на тоа кој бил ризикот, односно кој бил напаѓачот. Искрено се надевам дека ќе помогнеме во делот, информацијата побрзо да се шири, односно граѓаните да знаат на кој начин да ги споделат информациите кои можеби ги имаат, да не биде тоа ширење на дезинформации, бидејќи имавме такви инциденти во изминатиов период, дали ќе биде директно од семејството, каде што имавме лажна дојава за исчезнато бебе или од граѓани кои мислат дека имаат информација, но кога ќе се провери не е така“, рече Радевска.
Таа вели дека она што го изработуваат е начин кој во моментов функционира во Австрија, а информациите за исчезнатото лице ќе се појавуваат во авотубси, на банкомати, такси компании, но бараат соработка и со социјалните мрежи и телекомуникациските компании.
„Идејата почна како проект, заедно со партнерите работиме да направиме услови за систем кој функционира во многу држави, а кој во Австрија функционира на ист начин како она што ние го правиме во земјава, да се објавуваат профилите на исчезнатите, секако дозвола на најблиските кои може да направат профил на веб страната. Тој профил ние го проверуваме, не оди автоматски во етер, се консултираме и со надлежните во МВР, бидејќи протоколот е тој, лицето треба да се пријави за исчезнато пред се во МВР. По потврдата, се објавува веднаш кај нас, циркулира во етер, во сите домени кои успеавме да ги изменаџираме. Нашето МВР е дел од експертската група на „Амбер алерт“. Начинот на кој што се споделуваат информациите е индивидуален од држава во држава. До сега она што успеавме да го направиме е директна соработка со различни чинители, бизниси, дали ќе бидат тоа банките, бидејќи имаат банкомати, во јавниот превоз да циркулира информацијата, преку дигитални дисплеи или преку текстуални слајдери, во приватниот превоз, такси компаниите исто може да ја имаат информацијата, преку СМС или директниот канал за комуникација. Во хотелиерството и ресторанскиот бизнис кои имаат систем на проверка на сите кои што доаѓаат, во авионскиот превоз, односно контролата на патници, па дури и на бензинските станици на кои има дигитални реклами и каде може да се спроведува. Може и социјалните мрежи да бидат начин на кои ќе се споделува информацијата, но колку е поголема компанијата, толку е подолг процесот за реализирање на активноста“, вели Радевска.
Погледнете го целото интервју на Александра Радевска од „Новинари за човекови права“ на А1он.