ОБСЕ денеска е во мизерна состојба, перспективите се нејасни, потенцира во својот говор шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
– За нешто повеќе од една година, завршниот акт на Хелсинки ќе наполни 50 години. Во таа насока, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни – рече рускиот министер.
Тој жестоко го обвини ОБСЕ дека организацијата станала алатка на ЕУ.
„Вие сте виновни, самите иницијатори на оваа идеја ја убиваат ОБСЕ. За нас беше традиционално да одржуваме позитивни говори, но тоа веќе не се случува, бидејќи ОБСЕ стана алатка на ЕУ“, рече тој.
Лавров рече дека ОБСЕ молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија.
За него, Украина е земја која не признава постоење на руско малцинство, украинската Рада го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата, и сето тоа почнало пред девет години по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска.
Тој изјави дека токму земјите од НАТО и Европската Унија ја уништиле воено-политичката димензија на ОБСЕ уште во 1999 година. Во тоа време, потсети тој, НАТО изврши груба агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН.
„И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше одземено Косово без никаков референдум“, рече Лавров.
Според него, западните земји го користат ОБСЕ за интересите на НАТО.
Дел од министрите на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје го бојкотираа говорот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров кој пак после говорот веднаш го напушти состанокот.
Тие станаа и ја напуштија конференциската сала веднаш откако претседавачот со ОБСЕ, македонскиот министер Бујар Османи, го најави обраќањето на шефот на руската дипломатија.
Данскиот шеф на дипломатијата Ларс Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со саркастична оценка „толку од дијалогот“ – бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.
Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ се одржува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје и вклучува три пленарни седници. Посетата на Скопје е прво патување на Лавров во Европа од почетокот на конфликтот во Украина, доколку не се бројат неговите посети на Белорусија и Турција.
Поради неговото учество на самитот на ОБСЕ во Македонија, министрите за надворешни работи на Украина, Полска, Естонија, Летонија и Литванија го бојкотираат настанот.