Лекарите во Грција од вчера се во тридневен штрајк во знак на протест против отпуштањата, а од денеска 48-часовен штрајк почнуваат и останатите вработени во државните болници, пренесува радио Атина.
Јавниот сектор во Грција денеска ќе биде затворен, бидејќи Федерацијата на државните службеници АДЕДИ прогласи 48-часовен штрајк, во кој ќе учествуваат и наставниците.
Од 9 до 12 часот нема да работат и вработените во медиумите.
Во меѓувреме продолжува штрајкот на професорите од државните и приватни училишта, како и на вработените во осигурителните компании. На штрајкот, организиран од синдикатот на државните службеници, ќе се приклучат и судските службеници.
Денеска со работа од 11 до 15 часот ќе прекинат и вработените во железницата во знак на протест против продажбата на железничкиот оператор ТРЕНОСЕ.
Владата во Атин планира до крајот на годината да отпушти околу 12.500 државни службеници како дел од напорите за решавање на проблемите во државниот сектор и како еден од условите за добивање на помош од меѓународните кредитори.