Има податоци за сериозни прекршувања на човековите права во Северна Кореја, вклучувајќи и намерно подложување на глад и егзекуции, соопшти денеска истражната екипа на Советот за човекови права на ОН (УНХРЦ).
– Го имаме сведоштвото на еден млад маж, затворен од своето раѓање, кој за да преживее се хранет со глодари, гуштери и трева, а кој подоцна станал сведок на јавната егзекуција на својата мајка и брат, раскажа за едно од сомнителните ѕверства Мајкл Керби, шефот на комисијата.
Сведоштвата и другите собрани докази говорат за „широко распространети модели кои може да претставуваат системски и тешки прекршувања на човековите права“, додаде тој.
Како што пренесе ДПА, комисијата за истражување на прекршувањата на човековите права во Северна Кореја беше формирана во март, откако земјата одби да соработува за обвиненијата за кршење на правата на нејзините граѓани.
– Сведоштвата, слушнати до овој момент, говорат за широко распространети и сериозни прекршувања во сите области, кои УНХРЦ побара нашата комисија да ги истражи, изјави Керби.
Бидејќи Пјонгјанг не и дозвили на екипата на ОН да влезе на нејзина територија, иследниците сведоштвата ги добија во Јапонија и Јужна Кореја од луѓе кои побегнале од земјата и чии роднини биле грабнати во Северна Кореја.