Вработените во Поликлинка „Јане Сандански“ во Скопје одржаа предупредувачки протест како дел од најавениот протест на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) на вработените во сите здравствени институции во државава за време на паузата, од 10.30 до 11 часот, зашто се незадоволни од тоа што и по средбата на нивни претставници во Министерството за здравство на 5 октомври немаат одговор за нивните барања.
Бараат зголемување на платата за 30 проценти на сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал, ревидирање на Колективниот договор, зголемување на додатокот за инфекција од 1 на 4 проценти, трансформација на работниот однос од определено на неопределено на тие што се со договор на дело и бенефициран работен стаж.
Боби Бојчевски, координатор на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР), рече дека предупредувачкиот протест ќе биде „крик за достоинствена плата и достоинствен живот“ на 22 илјади вработени во здравствениот сектор во земјава. Покачувањето од 10 проценти, рече, е малку, затоа што „ги изело“ галопирачката инфлација.
-Ова е предупредувачки протест, а крајна фаза е да излеземе на улица. Но, жално и бедно е тие што беа хероите на 21 век да излезат на улица, додаде Бојчевски.
Предупредувачкиот протест на 19 октомври се одржа за време на паузата од 10.30 до 11 часот за да нема застој во работата со пациентите.
Протестот ќе го поддржат и возачите на Брза помош со едноминутно вклучување на сирените и ротациските светла на амбулантните возила.