Северина застана зад граѓаните кои протестираат во Загреб

Од:

Десетици илјади граѓани денеска се собраа во Загреб на протестот „Оди за Лика, оди за Хрватска“, организиран поради аферата со одлагањето опасен отпад на подрачјето на Госпиќ. На протестот пристигнаа граѓани од различни делови на Хрватска, барајќи итна санација на загадените локации, утврдување на одговорноста и јасни рокови за отстранување на отпадот.

Меѓу присутните беше и хрватската пејачка Северина Вучковиќ, која претходно јавно го поддржа протестот и ги повика граѓаните да се приклучат. Таа и денеска пред новинарите зборуваше за своето лично искуство и го поврза со борбата на жителите на Лика.

– Тука сум како и сите овие луѓе и затоа што сум граѓанка на Република Хрватска. Затоа што поминав низ многу тежок период кога поради корупција ми го зедоа детето. И еден дел од мене умре, изјави Северина, пренесува „Вечерњи лист“.

Таа објасни дека токму тој дел од неа подоцна се претворил во мотив за борба против неправдата.

„Тој дел се претвори во некој мал вампир кој одлучи да им ја пие крвта сè додека не прифатат дека мораат да бидат одговорни за ова општество“, порача пејачката.

Северина рече дека поради сопственото искуство не само што ги разбира демонстрантите, туку длабоко се поистоветува со нивната борба.

„Да, тоа ми се случи поради корупција. Така што не само што ги разбирам овие луѓе, туку…“, рече таа.

„Вчера моето дете, денес децата на Лика“

Пејачката посебно го критикуваше, како што го нарече, лицемерието на политичкиот систем кога станува збор за заштитата на децата.

„Вчера моето дете, денес децата на Лика, на Госпиќ. Полни им се устите со деца“, порача Северина.

Таа се осврна и на системот за социјална заштита и политичарите кои, според неа, носат одлуки за судбините на децата.

„Тоа најдобро би го знаеле нашите мајки, кои се бореа за системот на социјална заштита и за судбината. Се однесуваат како богови“, изјави таа.

Северина ја критикуваше и опозицијата

Критиките на Северина не беа насочени само кон власта. Таа порача дека и опозицијата треба да преземе конкретни чекори наместо само да се појавува на граѓански протести.

„И опозицијата има што да слушне. Наместо да одат по овие граѓански протести, досега требаше да предложат закон со кој повеќе ниту еден килограм, туку ниту еден грам отпад нема да влезе во Хрватска“, рече Северина.

Таа оцени дека токму тоа треба да биде еден од првите чекори за промена на системот.

Бараат одговорност и итно отстранување на отпадот

Протестот „Оди за Лика, оди за Хрватска“ е организиран поради десетици илјади тони незаконски одложен отпад во областа на Госпиќ. Организаторите бараат целосна санација на загадените локации, утврдување на одговорноста и конкретни рокови за отстранување на отпадот.

Протестната поворка тргна од плоштадот „Крал Томислав“, во близина на Главната железничка станица, а се упати кон плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“, каде што е предвиден централниот дел од протестот.

Организаторите инсистираат дека проблемот не е само локален, туку претставува прашање од национално значење – за заштитата на животната средина, здравјето на граѓаните и начинот на кој Хрватска управува со отпадот.

Премиерот Андреј Пленковиќ претходно изјави дека заканата од загадување не треба да се занемарува и дека отпадот во Госпиќ ќе биде саниран.

Протестот во Загреб, сепак, покажува дека граѓаните бараат повеќе од ветувања – бараат конкретен план, рокови и одговорност.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Протест во Загреб: Отпадот во Госпиќ не е изолиран случај

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Започна „Маршот за Лика“ – „Предавството нема да го простиме“

Горан Наумовски

Протест во Загреб против опасниот отпад во Госпиќ: Граѓаните бараат итна санација

Горан Наумовски

Опасниот отпад ја ниша хрватската влада

Протест на македонските транспортери: „Вака повеќе не може“, бараат решение од ЕУ

Горан Наумовски

Производителите на ајварка од Струмичко бараат почитување на договорените откупни цени