Русија побара од Советот за безбедност на Обединетите нации утре да гласа за нацрт-резолуцијата за конфликтот меѓу Израел и Хамас, која повикува на хуманитарен прекин на огнот и го осудува насилството врз цивилите и сите терористички акти. Заменик-амбасадорот на Русија во ОН, Дмитри Полјански, рече дека текстот не е променет откако е доставен до 15-членото тело и оти очекува гласањето да биде закажано за утре во 15 часот по средноевропско време.
Нацрт-резолуцијата, исто така, повикува на ослободување на заложниците, пристап до хуманитарна помош и безбедно евакуација на цивилите на кои им е потребна. Се однесува на Израел и Палестинците, но не го именува директно Хамас.
За резолуција на Советот за безбедност на ОН потребни се најмалку девет гласа „за“ и без вето од САД, Велика Британија, Франција, Кина или Русија. Соединетите Држави традиционално го штитат својот сојузник Израел од каква било акција на Советот за безбедност.
Израел се подготвуваше да започне копнена офанзива против Хамас поддржан од Иран во Појасот Газа, откако им порача на Палестинците кои живеат во густо населената област да се движат на југ кон затворената граница со Египет.
ж