Втор ден гори депонијата Буково лоцирана покрај патот Ресен – Охрид, а запален е токсичен пластичен отпад поради што се шири непријатна миризба во текот на ноќта и наутро до Охрид кој е на 15-на километри од депонијата.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи, причина за непријатната миризба е пожарот на депонијата Буково, кој тлее веќе неколку дена.
Од утрово пожарникари од ТППЕ Охрид интервенираат на депонијата, но гаснењето на пожарот оди тешко поради големото количество смет кој се таложи со децении и гасовите кои се создаваат од ѓубрето.
„На ден 29.07.2023 год.(сабота) во попладневните часови од страна на непознато лице е подметнат пожар на депонија Буково; Екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец” веднаш излегоа на терен и ги превзедоа сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на истиот и нормализирање на состојбата во соработка со екипите на ППЕ од Охрид и Ресен ;Истиот ден пожарот беше стабилизиран и изолиран.
На ден 31.07.2023 год. исто така беше подметнат друг пожар на сосема друга страна од депонијата Буково; И за двата случаи беше поднесена пријава до СВР-Охрид од наша страна за подметнат пожар од непознат сторител.
Екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец” повторно излегоа на терен и депонијата е под секојдневен мониторинг; Депонијата беше третирана со алги со цел задушување на пожарот; Изминативе денови со специјална механизација делот од депонијата кој e зафатен со пожар се покрива со големи количини земја“, соопштија од ЈП Охридски Комуналец.
Партијата Левица објави дека црн чад ја завил и Преспанската котлина и потсетувајќи дека депонијата требаше да биде затворена многу одамна.
„Депонијата Буково е една од црните еколошки точки, за која постојано алармираат жителите и еколошките здруженија од овој реон. Додека нашите туристички центри се гушат во канцероген воздух, градоначалниците на Ресен и Охрид, Јован Тозиевски и Кирил Пецаков, молчат и се кријат од јавноста!
Потсетуваме дека депонијата Буково, според препораките на Унеско, требаше да биде затворена до крајот на 2020 година. Потсетуваме дека пред две години, ДПМНЕ алармираше дека е несфатливо во 21 век да гори депонија и ветуваше изградба на фабрика за отпад“, велат од Левица.