Коосновачот на OceanGate, компанијата која го организираше трагичното патување со подморница до потонатиот брод Титаник, сега планира да испрати луѓе во Венера. Гилермо Сонлајн, кој е и основач и претседател на Humans2Venus, во интервју за Insider изјави дека се надева дека неговата нова компанија може да биде домаќин на колонија од 1.000 луѓе на најжешката планета на Сончевиот систем.
Најавата за новиот потфат доаѓа помалку од два месеци откако Стоктон Раш и уште четворица патници загинаа кога подморницата Титан на компанијата се урна на длабочина од повеќе од 3.500 метри. Сонлајн заедно со Раш ја основаа компанијата OceanGate во 2009 година, а во 2013 година се откажал од контролата врз неа, пишува Independent.
– Заборавете на OceanGate. Заборавете на Титан. Заборавете на Стоктон. Човештвото би можело да биде на работ на голем пробив…Испраќањето луѓе на Венера е желба, но мислам дека тоа е исто така многу изводливо до 2050 година, рече тој.
Сонлајн тврди дека новите наоди на НАСА покажуваат дека луѓето потенцијално би можеле да живеат во атмосферата на Венера, која е на околу 50 километри од површината.
Според НАСА, Венера има многу токсична атмосфера исполнета со јаглерод диоксид и трајно е „покриена со дебели, жолтеникави облаци од сулфурна киселина кои ја задржуваат топлината, предизвикувајќи ефект на стаклена градина“. Затоа, се претпоставува дека би било речиси невозможно луѓето да живеат на Венера.
Сепак, Сонлајн верува дека овие пречки може да се надминат преку иновации.
„Кога станува збор за замислување постојан дом за човештвото подалеку од Земјата, секогаш ме мачеше еден предизвик. Јас не сум ниту инженер ниту научник, но имам најголема верба во можностите на двете“, се вели на веб-страницата Humans2Venus.