Месната заедница Галичник предупреди на се поголемо присуство на мечки кои претставуваат опасност за населението, посебно во овој летен период кога куќите се полни со луѓе, а голем дел од нив и деца.
Предупредувањата како официјални барања ги испратиле до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство укажувајќи на растечкиот проблем со присуство на мечки во Галичник.
Дописи се доставените преку архивите на двете институции во 2019 и 2020 година, а минатата недела се обратиле на службениот мејл на Инспекторатот, но се уште нема одговор оттаму.
„Апелираме надлежните да дејствуваат и да дадат насоки на локалното население. Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението. Имаме редовни посети од мечки со мечиња. Појавата на мечки не е нова ниту необична со оглед на местоположбата на Галичник, меѓутоа оваа година мечките се секојдневно присутни во Галичник. Се појавуваат во доцните ноќни и раните утрински часови, поминуваат на сите пунктови за одлагање на отпад, ги превртуваат контејнерите и го разнесуваат отпадот, хранејќи се себе си и малечките. Тоа ни создава проблем со загадување и обврска секојдневно да ги исправаме контејнерите и да го враќаме отпадот во нив. Во последните денови тоа е отежнато поради високите температури и брзото скапување и непријатна мириза која се шири наоколу.
Галичани се информирани, сепак, мечките се доволно „одомаќинети“ да не е исклучена можноста да се појават и во невообичаено време, па да дојде до несакан развој и можност за повреди на локалното население. Доколку имате искуство со вакви појави и постојат насоки за тоа како треба да постапиме, ве молиме да не информирате.
Напоменуваме дека со дописов не бараме дозвола за отстрел, го поддржуваме биодиверзитетот на Бистра и инсистираме отстрелот да биде последна опција за решавање на овој проблем“, стои во писмото на Месната заедница до Државниот инспекторат за шумарство и ловство.