Најтрофејниот македонски ракометен колектив Вардар 1961 ги објави плановите и промените за новата сезона. Легендите Борко Ристовски и Стојанче Стоилов ставаат крај на активната кариера и ќе бидат дел од структурите во клубот.
Добивај вести на вибер
Борко Ристовски ќе биде новиот извршен директор на клубот.
„Борко е наша легенда во ракометот, неговата кариера завршува и тој се гледа во раководни структури и ќе биде нов извршен директор“, истакна Михајло Михајловски на денешната прес-конференција.
Стојанче Стоилов исто така става крај на својата играчка кариера и ќе биде помошник тренер на Владо Недановски.
„Стојанче Стоилов се откажува на некој начин од својата играчка кариера ќе биде помошник на Недановски, а ќе биде координатор во младинските екипи“, рече Михајловски.
Борко Ристовски истакна дека целта на новото раководство ќе биде да го стабилизира клубот и да го врати на шампионските патеки.
„Би сакал да искажам благодарност до Михајло Михајловски за дадената доверба и за сето она што го има направено за клубот. Вардар е најдобриот македонски клуб, што носи тежина и одговорност. Чест ми е што ќе бидам дел од тимот кој ќе се обиде да го врати Вардар онаму каде што припаѓа. Стабилизација на клубот е главна цел, како на финансиски, така и на играчки кадар. До овој период имаме потпишано шест играчи, оставаме простор доколку се појави интерес играч на пазарот“, изјави на прес-конференцијата Борко Ристовски.
Стојанче Стоилов отсега своето огромно искуство ќе го пренесува како тренер во првиот тим, но и како координатор на младинската школа.
„Сакаме да го вратиме Вардар таму каде што му е местото, да освои титула во домашното првенство и да игра во Лигата на шампиони. Мора да посветиме внимание на младите, да го издигнеме Вардар од почеток. Клубот е срцето на градот и на Македонија“, изјави Стојанче Стоилов.