Северна Кореја денеска соопшти дека е принудена да ја „преразгледа“ својата нуклеарна програма поради новите знаци на непријателство од страна на САД.
Пјонгјанг истакна дека ќе ги активира напорите за развој на нуклеарно оружје.
– Постојаната непријателска политика кон Северна Кореја, од страна на САД, создава волшебен круг на конфронтација и тензии на Корејскиот Полуостров, со што перспективата регионот да биде безбеден избледува, соопшти неименуван портпарол на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Создадената ситуација ја принудува Северна Кореја целосно да ја преразгледа нуклеарната програма, истакна севернокорејскиот портпарол, додавајќи дела САД треба целосно да се откажат од непријателската политика кон Пјонгјанг, бидејќи во спротивно ќе биде сосема невозможно да биде решено прашањето за гарантирање на траен мир и стабилност на Корејскиот Полуостров.
Пјонгјанг ги негира извештаите дека се подготвува да изврши трета нуклеарна проба, откако преходно изврши неуспешен обид за лансирање на ракета со голем дострел која требаше да однесе сателит во земјината орбита.
Претходно, Северна Кореја ги обвини САД дека се организатори на саботажа врз статуите на поранешните лидери на земјата и дека за таа цел во земјата бил испратен дезертер, кој избегал во Јужна Кореја.
На прес-конференција во Пјонгјанг беше покажан 52-годишниот Џон Јон-чол, кој бил уапсен во јуни под обвинение дека планирал да постави експлозиви на статуите на Ким Ил-сунг и Ким Џонг-ил. Џон избегал од Северна во Јужна Кореја во 2010 година и во јуни се вратил назад преку Кина, како агент на јужнокорејското разузнавање, тврдат властите во Пјонгјанг.