37-годишен државјанин на Косово кој престојувал во Кондово кај својата партнерка, е уапсен. Во местото каде престојувал чувал поголема количина оружје и муниција.
Според информациите од Обвинителството на 18 јуни, е извршен претрес во објектот во кој престојувал, полицијата открила поголемо количество огнено оружје и муниција, вклучувајќи и оружје, муниција и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети.
Пронајден бил рачен ракетен фрлач “РБР 64mm, M80”, кој преставува бесповлечно противоклопно ракетно средство за еднократна употреба познат како “ЗОЉА” од југословенско производство, како и три рачни бомби, од кои две фрагментирачки рачни бомби од типот “RGD-5” и една дефанзивна рачна бомба од типот “F1” од кинеско или од источноевропско производство.
Освен ова, полициските службеници пронашле и еден пиштол за светлосно звучна сигнализација “BLOW AUTOMATIC F92“ кал.9mm, еден дел од пиштол – рам од оружје за светлоснo-звучна сигнализација, четири шаржери од кои три со по 30 куршуми, а еден со 20 куршуми со кал.7,62х39mm, 6 патрони од ловна муниција со кал.12 од разни производители, наменета за испалување од ловни огнени оружја, како и уште вкупно 164 куршуми од различен калибар, вклучувајќи и боева муниција, муниција изведена со панцирно пробивни, запалливи и трасирачки проектили и муниција изведена со експандирачки проектили.
Косовскиот државјанин е уапсен, а обвинителството спроведува целосна истрага. Осомничениот се товари дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Бидејќи постои опасност од бегство и можност да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.