Сателитски снимки укажуваат дека Северна Кореја повторно го вклучила плутониумскиот реактор во нуклеарниот капацитет Јонгбјон, тврди американски истражувачки институт.
Реакторот од пет мегавати беше исклучен во 2007 година, согласно договорот за разоружување. Но, Пјонгјанг во април годинава најави дека повторно ќе го вклучи во погон, наспроти притисоците од САД и од Јужна Кореја да не го прави тоа.
Американско-корејскиот институт на Факултетот за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“, откако анализирал сателитски снимки, е убеден дека реакторот веќе е вклучен и оти комунистичките власти на чело со Ким Џонг-ун ја продолжуваат оспорената нуклеарна програма.
Институтот укажува дека без посета на Јонгбјон практично е невозможно да се докаже дали реакторот повторно работи, но истакнува дека на снимки од комерцијален сателит по 31 август јасно се гледа бел чад што излегува од објект веднаш до реакторот. Во тој објект се поставени турбини на пареа и електрични генератори, кои добиваат енергија од нуклеарниот реактор. Бојата и количеството на чадот укажувало дека реакторот веројатно не работи со полн капацитет.
Плутониумскиот реактор може да генерира електрична енергија, но и да произведува фисиски материјал за нуклеарно оружје. При работа со оптимален капацитет може да произведе до 6 килограми плутониум годишно, што е доволно за една или за две атомски бомби. Експерти проценуваат дека Северна Кореја поседува доволно плутониум за изработка на четири до осум нуклеарни бојни глави.