„Големината на училниците соодветствува на бројот на ученици во паралелките“, стои во еден од извештаите на Државниот пазарен инспекторат за средното општинско училиште, гимназијата „Св. Наум Охридски“ во Македонски Брод која учебната 2022/23 ќе ја заврши со 11 матуранти и 22 професори.
Матурското табло на гимназијата од Македонски Брод на кое има повеќе наставници од ученици, а кое се сподели на социјалната мрежа Твитер, ја покажува вистинската слика за трендот на намалување на ученичките паралелки и исселувањето во поголемите македонски градови на граѓаните од овие мали градови, но и во странство.
Во училиштето има две паралелки од четвртина година, едната по гимназиско образование во која ќе матурираат осум ученици, а втората е по угостителство и туризам. Во оваа паралелка класниот ќе им подели дипломи на само три ученици.
11 ученика, 2 смера. Во едниот заедно со учителот вкупно 4 ученици.
Повеќе професори од ученици
Жална е оваа Македонија pic.twitter.com/aVRQhYCeR0— Авангард (@djamadanceto) May 5, 2023
Надзорот на инспекторите од образование покажал дека во училиштето сите активности се одвиваат според наставни планови и програми. Во извештајот никаде не е е наведено дека се намалува бројката на ученици, ниту што е причината за немањето интерес за запишување во Брод на сметка на другите средни училишта во Битола и Кичево, иако се водени состаноци со училишниот одбор, советот на родители и со фокус група на ученици.
„Според спроведените анонимни анкети, разговорите водени со фокус групите и извршените посети на часовите, училниците и другите простории во училиштето се соодветни за бројот на ученици во паралелките и претставуваат стимулативна средина за учење. Училишниот простор е безбеден за изведување настава, а училиштето е целосно оградено.
СОУ„Св.Наум Охридски“-Македонски Брод, располага со една училишна зграда во кој се изведува наставата и се наоѓа во централниот дел на Македонски Брод, на левата страна од реката Треска и регионалниот пат Кичево-Македонски Брод-Прилеп, а во непосредна близина на основното училиште и Здравствениот дом. Во најголем дел ги опфаќа учениците од општините Македонски Брод , Пласница и Долнени“, стои во евалуацијата на ДПИ.
Македонски Брод е мал град со 5.889 жители и 2.111 домаќинства според последниот попис на населението до 2021 година.