Речиси 80 полицајци во 22 полициски оддели во Англија и Велс се соочуваат со дисциплински мерки за несоодветни сексуални односи или сексуални контакти со жртви, сведоци и осомничени од 2018 година, пишува лондонски „Обсервер“.
Податоците добиени според Законот за слобода на информации покажуваат дека повеќето полицајци кои се соочуваат со дисциплински мерки се отпуштени или претходно дале оставка.
Сепак, 10 полицајци останаа на своите позиции, соочени со помали санкции како што се писмени предупредувања или суспензии.
Најмалку двајца полицајци се соочени со кривична постапка, а според британскиот весник, речиси сите полицајци биле мажи, а сите освен две од жртвите биле жени.
Овие „навистина шокантни бројки“ би можеле да бидат врвот на ледениот брег, предупреди извршниот директор на добротворната организација за права на жените, Друштвото Фосет, Џемима Олчавски.
„За жал, имајќи предвид дека податоците опфаќаат само половина од полициските сили во Англија и Велс, веројатно е дека многу повеќе жени претрпеле малтретирање или злоупотреба од полицајци“, рече таа.
-Жените доаѓаат во контакт со полицијата во моменти на неверојатна ранливост и траума, а искористувањето на тие моменти и злоупотребата на власта предизвикува дополнителна болка кај жртвите – додаде Олчавски.
Метрополитен полиција особено се соочува со бројни обвинувања, наведува Обсервер и потсетува дека Дејвид Керик минатиот месец беше осуден на доживотен затвор откако се изјасни за виновен за десетици силувања извршени додека беше полицаец во Мет.
Вејн Каузен, кој користеше полициска значка за киднапирање, силување и убиство на Сара Еверард во 2021 година, исто така отслужува целосна доживотна затворска казна.