Се одложи првото рочиште во Основниот суд Охрид за нападот врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.
Судот го прифати барањето на бранителите на едниот од осомничените за нападот, Илија Спасески кои побараа да и се достават доказите против него, од што ќе зависи произнесувањето на обвинетиот.
– Не знаеме кога ќе може да присуствува Пендиков поради медицински причини, се зависи од рочиштето, исткакна обвинителите.
Следното рочиште е закажано за 5 април.
Илија Спасески беше уапсен неколку дена по нападот врз Пендиков. На 22 февруари беше пуштен од притвор, а истиот ден беше приведен вториот напаѓач на Пендиков, битолчанецот Б.А. Судот привремено му го одзеде пасошот за да не може да ја напушти државата. Според обвинителството, делото е извршено од омраза поради национална и етничката припадност.
Двете лица се обвинети дека го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид на паркинг близу угостителски објект во кој прво имало вербална пресметка помеѓу нив.
„Обвинетиот, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно повредиле еден оштетен.
На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, соопшти охридското обвинителство.
Следниот ден на 20 јануари, претседателот Румен Радев со владиниот авион на Бугарија организираше транспорт на повредениот Пендиков до државната клиника во Софија. Таму Пендиков беше посетен и од министерот Бујар Османи.
Претепувањето на Пендиков кој наводно имал нерасчистени должнички односи со напаѓачите, наиде на осуда од двете страни, но Бугарија тоа го искористи да го прикаже дека безбедноста на македонските Бугари е загрозена.
Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид кој се родил како Македонец, но подоцна осознава дека е македонски Бугарин, во интервју за бугарски медиум рече дека еден месец по нападот се уште е цел на закани.
– Бев во друштво со пријателки. Дојдоа двајца тројца луѓе и започнаа да ме напаѓаат затоа што сум Бугарин. Затоа што сум се нарекувал Бугаин и дека сум предавник. Потоа излегов надвор да му се јавам на Томе да му кажам што се случило. Влегов внатре и видов дека не ме сакаат во друштвото. Си ја зедов јакната и тргнав кон паркингот и кон колата. Таму се случи нападот. Ме тепаа десет минути тројца напаѓачи, откри Пендиков.