Јужна и Северна Кореја се согласија да ја обноват прекуграничната „жешка линија“, која беше прекината за време на тензичниот период оваа година, соопштија властите во Сеул.
Ваквото решение е нов чекор за намалување на тензиите меѓу двете земји во последните неколку недели.
Јужнокорејското Министерство за национално обединување соопшти дека двете Кореи одлучиле денеска да ги обноват телефонските и факс линиите, кои се користеа за координирање на прекуграничните патувања во заедничкиот индустриски комплекс Кесонг, кој моментно е затворен. Минатиот месец Сеул и Пјонгјанг се договорија да работат на обновување на работата на комплексот.
Северна Кореја во март ја прекина „жешката линија“ во период на огромна тензија меѓу двете земји. Таа упати и серија закани, меѓу кои и за нуклеарни напади против Сеул и Вашингтон, но подоцна „ја спушти топката“.