Клиника Жан Митрев очекува јавен и транспарентен процес низ којшто ќе ја докажеме нашата невиност во однос на сите обвинувања кон д-р Митрев и кон клиниката, стои во реакцијата од клиниката по одлуката на Кривичниот суд да го одобри обвинението против кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница и првото судско рочиште го закажа на 28 февруари.
– Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен. За време на Ковид пандемијата нашата клиника и нашиот персонал одиграа херојска улога, а овој срам и напади кои ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите. Хемофилтрацијата како метод ја користевме за лекување на последици од Ковид, но не и како лек за Ковид. Бесмислени се наводите на ЈО во Обвинителниот акт. Уште еднаш потенцираме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според сите меѓународни стандарди, транспарентно и во согласност со утврдени и дозволени методи за лекување. Се ова е го докажеме и на суд, а сметаме дека јавноста целосно не поддржува и пред нејзе нашата правичност е јасна, се наведува во рекацијата од Клиниката Жан Митрев.
Основното јавно обвинителство – Скопје на 10 јануари годинава поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик. За ова кривично дело „измама“ предвидената казна затвор е од една до 10 години.
Како што посочија тогаш од ОЈО Скопје, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.