Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се сретна со претставници на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија, со кои ќе разговара за натамошните чекори во процесот на нормализирање на односите со Приштина.
Вучиќ објави заедничка фотографија на Инстаграм на почетокот на средбата со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, советниците за надворешна политика на францускиот претседател и германскиот канцелар Емануел Бон и Јенс Плетнер и дипломатскиот советник на премиерката на Италија, Франческа Тала.
Се очекува главна тема на разговорот да биде продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, врз основа на француско-германскиот план за Косово, кој ЕУ го усвои.
Вучиќ вчера изјави дека очекува „тешки разговори“, а на прашањето со каков план доаѓаат петорката, имајќи ги предвид „црвените линии“ на Белград, тој рече дека доаѓаат „со план што ги интересира“.
Лајчак, Ескобар, Бон, Плетнер и Тало дојдоа во Белград од Приштина, каде денеска разговараа со премиерот на Косово, Албин Курти.
По средбата со Курти, Лајчак изјави дека европско-американскиот тим „очекувал поголемо разбирање“ од косовскиот премиер за европскиот (француско-германски) предлог за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Извор: МИА