Тунискиот Национален фронт за спас, опозициска коалиција, во синоќа го повика претседателот Каис Саид да поднесе оставка по исклучително слабиот одѕив на парламентарните избори, под десет проценти.
Парламентарните избори се дел од серијата политички промени кои Саид ги воведе откако минатата година го распушти парламентот и донесе нов устав, кој критичарите го нарекоа државен удар.
Претходно синоча властите објавија дека само 8,8 отсто од гласачите во Тунис излегле на гласање бидејќи повеќето политички партии ги бојкотираа парламентарните избори, нарекувајќи ги фарса за зголемување на моќта на претседателот.
Евидентираниот одѕив е помал од стапката на инфлација, која изнесува 9,8 отсто, што ги нагласува економските притисоци што оставија многу Тунижани разочарани од политиката речиси 12 години по револуцијата.
Саид го распушти последниот состав на парламентот, кој имаше повеќе овластувања, во јули 2021 година, а потоа ја презеде речиси целосната власт, почнувајќи да владее со декрети.
Новиот устав што тој го подготви ги намалува овластувањата на парламентот со тоа што го ослабува неговото влијание врз владата или политичарите и го прави подреден на претседателот.
Претседателот ги претстави политичките промени како неопходни за спас на Тунис по долгогодишна политичка парализа и економска стагнација.
Извор: МИА