Според податоците на Хрватскиот институт за јавно здравје, Хрватска има околу 250.000 зависници од алкохол и е меѓу првите пет земји во Европската унија во однос на консумирање алкохолни пијалоци. Оваа зависност е огромен социјален проблем бидејќи го погодува целото семејство, а само еден од осум зависници завршува на лекување.
-Традиционално, меѓу мажите има повеќе зависници од алкохол, кои се обидуваат со пиењето да ги решат проблемите со депресијата, паниката или стресот бидејќи поради културни причини се двоумат да ги примат и да побараат помош – вели психијатарот Крешимир Радиќ, специјалист од Клиниката за психијатрија „Врапче“.
Тој истакнува дека мажите трипати почесто умираат од болести поврзани со алкохолот, а иако тие го сочинуваат најголемиот дел од лекуваните пациенти, многу од нив сепак не успеваат да добијат помош. Консумацијата на алкохол рано во животот доведува до здравствени проблеми, така што програмите за лекување во здравствените установи вклучуваат луѓе од сите возрасни групи.
Алкохолизмот влијае на менталното здравје на целото семејство, кое страда социјално и психички поради членот кој пие. Децата имаат полоши училишни резултати, сопружниците имаат проблеми со функционирањето во работната средина, семејството е оптоварено со трошоци поради купување алкохол, сообраќајни казни и други прекршоци, што дополнително го осиромашува и го отежнува секојдневието.
„Семејното насилство не е невообичаено во такви семејства. Лекарите често се среќаваат со ситуации кога семејството повеќе не сака да има контакт со својот болен член кој пие, а тој е неспособен, со лошо физичко здравје и не може да се грижи за себе“, вели Радиќ.