Непознати сторители вечерва опожарија три сада за одлагање отпад лоцирани на булеварот Крсте Мисирков, во близина на Бит Пазар.
Опожарените контејнери се целосно уништени и неупотребливи. Со цел да не се наруши динамиката на одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад, ЈП Комунална хигиена-Скопје опожарените садови веднаш ги замени со нови.
Ова е трет случај годинава од страна на непознати сторители да бидат опожарени садови за одлагање отпад на истата локација.
„ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира да престане уништувањето на контејнерите, за екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи. ЈП Комунална хигиена-Скопје упатува апел до МВР во најкус можен рок да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите“ велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.