Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најстрого го осудува вандалскиот чин што се случил вечерва, 23 ноември, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид.
– Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава. Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава. Сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, што преставува и законски и уставно загарантирани човечки, граѓански права и слободи – државата како веродостоен кандидат за членство во ЕУ тоа мора да го обезбеди се вели во соопштението од МНР.