Учебниците за прво,второ, четврто и петто одделение доцнат речиси три месеци поради немањето интерес на авторите да предложат ракописи, немањето рецензенти кои даваат мислење во сложениот процес за одобрување и набавка на учебници.
Министерството за образование за „А1он“ одговори дека постапката на изработка и печатење на над 20 учебници од прво, второ, четврто и петто одделение се одолговлекува многу поради комплицираната постапка која може да потрае и неколку месеци, но не кажа зошто постапките за нови учебници почнуваат толку доцна.
„Во Законот за учебници предвидена е постапка за одобрување и набавка на учебници, со повеќе фази и конкретни рокови за нивна реализација. Овие процеси се комплексни, може да потраат и неколку месеци и затоа се случува истите да не се заокружат пред почетокот на нова учебна година“, велат од МОН за „А1он“.
Една од причините според МОН е што за одреден предмет немало интерес за доставување на ракописи или предлог учебници од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори.
„Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите“, додаваат од МОН.
Ресорното министерство го правда доцнењето или одложувањето на постапката за избор на економски оператор за печатење на одобрени учебници со носењето на ребалансот на буџетот од кој се издвоени 282 милиони денари или 4,5 милиони евра.
„Дополнително, оваа година одложување на постапката за избор на економски оператор за печатење на одобрени ученици имаше поради потребата од ребаланс на буџетот и обезбедување на доволно средства за набавка на потребните тиражи на учебници кои беа побарани од училиштата согласно бројот на ученици. Склучен е сукцесивен договор во вкупна вредност од 282 милиони денари кој предвидува печатење и дистрибуција на учебници за основно и за средно образование, по сите предмети за кои досега немало одобрен или испечатен учебник“, одговорија од МОН.
Испораката на учебниците треба да се заокружи неделава, но информациите од училиштата говорат дека учениците се уште не добиле учебници, а материјата од помошните наставни материјали учениците ја обработија и завршија минатата недела.