Кошаркарскиот клуб „Работнички“ е основан во 1946 година благодарение на Славко Матовски кој „собрал“ група млади ентузијасти и ги подучувал за тајните на овој спорт. Од основањето на клубот повеќе години машката екипа на „Работнички“ (Славко и Никола Матовски, Лазаревиќ, Луковски – Аџија, Христовски, Стојановски, Димовски, Стефан и Тошо Тодоровски, Димовски, Атанасовски…) се обидуваше да се пласира во елитната Југословенска кошаркарска лига…
Вака започнуваше приказната за најуспешниот и најтрофејниот кошаркарски бренд КК Работнички. Од тоа време па се до пред неколку години Работнички преставуваше име и презиме во мак-баскетот. КК Работнички е македонски бренд со највеќе освоени титули во домашното првенство, но и клуб кој во поранешна Југославија им парираше на кошаркарските сили Партизан, Црвена Звезда, Југопластика итн. Работнички во своето минато има настапи на повеќе купови и првенства и надвор од Македонија.
Школата на Работнички беше најголем расад на млади таленти и потенцијали кои своето место потоа го наоѓаат во клубовите низ Македонија и соседството па дури и пошироко. Од секогаш престиж и чест за помладите генерации посебно за тие кои што ја поминале школата е да се каже дека си „дете на Работнички“. Клубот од „Градскиот парк“ во изминативе дваесет години поминувал низ турбулентни времиња. Ги поминувал најубавите години кога беше неприкосновен на македонската кошаркарска сцена и победуваше се пред себе, но и имал периоди кога други негови ривали биле помоќни и финансиски и со играчки кадар па сепак пак успеал да се избори повторно да биде на пиедесталот.
Едноставно навивачите и симпатизерите секогаш верувале дека Работнички има една магија која му дава исчекор пред другите без разлика колку и тие да се моќни финансиски или со играчки кадар. Но, како што одминува времето Работнички се соочува секој ден со се полоша и полоша ситуација. Од минатата година клубот од Градски парк премина во стопостотна сопственост во Општина Центар. Беа најавувани светли денови и нови победи во Градскиот парк. Се најавија нови спонзори кои требаше да ја подобрат сликата за црвено-белите и да го вратат на старите добри патеки. Но, плановите и соништата кратко траеа.
Новата управа предводена од извршниот директор Тони Додевски и претседателот на Управниот одбор Зоран Шишковски по кратко време ги покажаа слабостите. Најпрвин пробаа да ја искористат и партизираат навивачката група „Сити Парк Бојс“, пробувајќи да наметнат свои партиско политички послушници кои требаше да одработат во наредниот изборен период. По само неколку натпревари навивачката група ги замрзна односите со управата и на 23.11.2012 година стапи во бојкот на натпреварите на КК Работнички. За да не останат со празни трибини новата упрва формира навивачка група која злоупотребувајќи го името Сити Парк Бојс пробува да ја врати полната сала и атмосферата која само они знаеа да ја направат. Но, на натпреварите на Работнички од ден на ден имаше се помалку и помалку публика. Во зимскиот период играчите играа и на -20 а Работнички беше победуван скоро од секого. За да се поправи сликата пред изборите од почетокот на 2013 година се потпишуваше се. Се донесоа и најскапо платени странци, се потпишуваа тренери и играчи за неколку сезони иако до ден денешен не се исплатени и долговите од минатата сезона.
Од најавуваните пола милион евра реално во касата на клубот се слеаа околу 220.000 евра од кои 150.000 евра од Општина Центар и од „Тинекс“ фирма на поранешниот градоначалник Тодоровиќ. Сето тоа резултираше Работнички да заврши со дупка поголема од СЕДУМ МИЛИОНИ денари. Останати се над 700.000 денари долгови за електрична енергија, над 300.000 денари за дресови и спортска опрема. Се должат над две плати на играчите, а многу повеќе на тренерите и администрацијата. Во салата во „Градски парк“ е исклучена електричната енергија, а веќе неколку фирми на кои им се должи најавуваат дека ќе го тужат најтрофејниот клуб. Извршниот директор и претседателот на бордот на директори не одговараат на повиците на играчите околу неисплатените плати, а планираните спонзори кои требаше да го издигнат Работнички за кој беше задолжен неформално Сашо Лазаревски актуелен претседавач на Совет во Општина Карпош се пренасочија во МЗТ Скопје и новиот прволигаш „Соколи-Карпош„. Најтрагичното од се е тоа што никаде неможат да се најдат документите преку кои може да се види реална состојба за клубот. Управата нема поднесено финансики извештај до Општината за потрошените средства иако се обврзани со договорот кој го имаат потпишано со сопственикот т.е. Општина Центар.
ШКОЛАТА СЕ РАСПАЃА!!!
КК Работнички освен што е познат по своите успеси, Работнички долго време беше расад за квалитетен играчки кадар. Младинците од Работнички играа во скоро сите македонски клубови и во клубови во соседството но и пошироко. Денес школата на КК Работнички е пред колапс. Младите категории бараат исписници и заминуваат во други школи бидејќи во Работнички не ја гледаат својата иднина.
ТИТУЛИТЕ СЛУЖАТ КАКО САКСИИ!!!
Доколку влезете во просториите на Работнички односно на популарната „тераса“ нема што многу да се види. Сите канцеларии се испразнети. Нема ни компјутер ни столици ни бироа. Пехарите и титулите по кои беше познат КК Работнички се расфрлени на подот во салата за состаноци, а дел од нив служат и како саксии за цвеќе.
ИЗВАДЕНИ КЛУПИ, СТОЛИЦИ И МАШИНИ ЗА ПЕРЕЊЕ!!!
Во соблекувалните од каде излегуваат црвено белите освен некое шкафче кое е останато и е веќе неупотребливо другото се е испразнето. Извадени се сите клупи столици па дури и машините за перење. Скоро секоја просторија е оставена без никаков инвентар.
ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ЗА НОВАТА УПРАВА!!!
Новата управа која би требала да го превземе клубот на почетокот на септември ја чека многу работа. Најпрвин треба да обезбеди основни услови за почеток на сезоната. На играчите кои начелно ќе останат во Работнички но и на новите кои се највуваат треба да им се обезбедат припреми и услови за тренинг, да се снабдат со опрема но и со се друго оптимално кое е нужно за добар почеток. Треба да се набави нов инвентар за администрацијата, да се исплатат долговите за електрична енергија и останати комуналии да се најдат нови спонзори кои би давале пари за во најкоро време да се расчистат сите долгови но, и да се обезбедат средства за понатаму. Новата управа ќе треба да седне и на заедничка маса да ги реши недоразбирањата кои управта во заминување ги имаше со навивачите и истите повторно да ги врати на трибните.