„Јас мислам дека да, впрочем не мислам – јас сум сигурна во тоа“. Ова е одговорот на обвинителката Ивана Трајчева која го гони Драги Рашковски и хонорарните работници во Генералниот секретаријат за случајот „Софтвери“, на прашањето дали со сведочењето на Мухамед Зеќири се потврдува обвинението кое е поднесено и тезите во него. Трајчева вели дека Зеќири бил дециден и кажал дека Генералниот секретаријат не може да утврдува просечна брзина на возила во сообраќајот ниту да изрекува казни.
„И да не го кажеше тоа сведокот, постои Закон за безбедност на сообраќајот и патиштата во кои што точно е појаснето кој точно може да ги врши тие функции од една страна и второ, ако тоа било набавено и ставено во функција, тогаш, ќе знаел сведокот како следен генерален секретар дека такви софтвери и таков систем се набавени и дека се ставени во функција. Немало зошто сведокот да прашува за нешто што не било ставено во функција дали постои или не, немало како знае дека тоа постои ако не му било кажано од претходниот или ако не се користело“, кажа Трајчева.
Таа се осврна и на останатиот дел од сведочењето на Зеќири, кој го наследи Рашковски во Генералниот секретаријат.
„Зеќири потврди дека системот воопшто не е доставен, не е имплементиран. Едниот е доставен односно софтверот за сообраќајот за утврдување на брзина на возилата и изрекување казни дека не е ставен во функција. А за системот за биометриска идентификација, дека воопшто не е доставен. Впрочем и самите слушнавте дека сведокот кажа дека морало да биде направен вонреден попис за да се пронајдат тие кабини кои што се за потребите на системот за биометриска идентификација и појасни дека истите не се наоѓаат во просториите на Владата бидејќи биле обемни и немало каде се сместат“, додаде Трајчева.
За обвинувањата од Рашковски дека вештото лице кое го проверувало софтверот за утврдување на просечна брзина и изрекување на казни не знаел да го стави во функција и не бил компетентен, Трајчева кажа дека постапувал според упатството кое е дадено, па според истото, тој не прореботел.
„Не се согласувам дека вештакот од информатичка технологија немал искуство и не можел да го изработи вештиот наод и мислење, имаше вакво прашање и од одбраната. Но, вештакот беше дециден дека софтверот не се базира на ГПС системи туку дека се користат, што се две сосема различни работи. Второ, и самиот вештак ви појасни и јас ќе ви потврдам дека вештакот немаше наредба од Обвинителството да го поправа софтверот туку истиот да го конфигурира и да го стави во функција согласно дадените упатства. Затоа, и вештакот цело време се повикуваше на упатствата бидејќи тие се единственото нешто кое треба да ни биде насока како да го конфигурирате и употребите тој софтвер. Поправките без да бидат предвидени јас навистина не знам кој би можел да ги направи“, додаде таа.
Рашковски се гони бидејќи обвинителката Ивана Трајчева тврди дека тој го местел тендерот за да го добие „Инвока груп“ на Станчев, а исто така, набавил софтвер кој е нефункционален. Дополнително, Трајчева докажува дека Рашковски делел хонорари на хонорарци во Влада, а потоа, дел од парите земал за него.