Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека какви било дејства што му се закануваат на рускиот мировен контингент во молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје ќе се гледа како напад врз Русија.
– Сите треба да бидат свесни дека секое дејствие што ги загрозува нашите војници ќе се смета во согласност со меѓународното право како напад врз Русија, рече Лавров во говорот во Московскиот државен институт за меѓународни односи.
Изјавата доведе до загриженост дека Приднестровје, кое граничи со Украина, може да биде вовлечено во руско-украинскиот конфликт, пишуваат дел од западните медиуми.
Русија таму распореди мировен контингент од крајот на тримесечната војна во 1992 година, кога Приднестровје се отцепи од контролата на молдавските власти. Таму руските сили имаат и големо складиште за муниција.
Во април, тензиите во Молдавија се зголемија по серијата експлозии во Придњестровје.
По говорот на Лавров, Кишињев побара објаснување од рускиот вршител на должноста.
„Ја потсетуваме Русија дека молдавското законодавство ги гарантира основните човекови права и слободи“, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Во јуни, лидерите од ЕУ се согласија на Молдавија да и доделат статус на земја-кандидат за членство во Унијата. Во тоа време, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, одлуката за доделување таков статус на Кишињев, како и на Киев, ја нарече „историски момент што претставува одлучувачки чекор на нивниот пат кон ЕУ“.
Сепак, Молдавија ќе треба да спроведе реформи во области како што се борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права и владеењето на правото пред да може да се приклучи на ЕУ. Поранешната советска република поднесе барање за членство само неколку дена откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Молдавија, која според Устав е неутрална, не бара влез во НАТО.
Извор: МИА