Со претресот во Финансиската полиција, обвинителката Вилма Русковска не дошла до докази бидејќи не ги добила сите предмети кои ги барала. Таа не одговори на прашањето колку пати во нејзината кариера се случило само врз основа на кривична пријава, но без докази за кривично дело, да направи претрес. Истовремено, посочи дека се сомнева во тоа како ќе се работи предметот против ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, посочувајќи дека нејзината дисциплинска и супспензија ќе имаат влијание и кај колегите.
„Ние со претресот точно набројавме кои предмети требаше да ни бидат доставени. Станува за 250-300 предмети, од кои ни беа доставени триесетина, повеќето од нив воопшто не ги баравме и не ни беа потребни. Се уште немаме доставено скоро ниту еден предмет од тие што ги баравме“, кажа Русковска.
Обвинителката која сега е супсепендирана кажа дека поради недоставување на побараните предмети од Финансиската полиција, планирала од судот да побара казна за институцијата и директорот во заминување, Арафат Муареми.
„Ние имаме право да бараме казнување на институцијата и одговорното лице. Тоа исто така мислев да го сторам вчера, бидејќи вчера помина точно месец откако беше извршен претресот. Ние дадовме рок од 15 дена да бидеме луѓе и флексибилни, мислев вчера да напишам ургенција што би барала од судот казна за институцијата“, кажа Русковска.
Прашана дали се сеќава на друга кривична пријава, каде без да ги провери наводите во неа, извршила претрес, Русковска одговори: „Тоа зависи од кривична пријава до кривична пријава. Во оваа кривична пријава конкретно се набројуваат предмети по доставени анонимни пријави. Доколку не ги земеме тие предмети, не можеме да ги потврдиме или да не ги потврдиме наводите во кривичната пријава“.
На посочувањето од новинарите дека наводите дека кривична пријава не може да се основ за вршење претрес, без да се има основано сомневање и доказ за сторено кривично дело, Русковска вели: „Сметам дека кривична пријава е кривична пријава. Дали е анонимна или поднесена од институции или граѓани со име и презиме, по истите мора да се постапува“.
Кај неа има сомнеж дека исто ќе се постапува по предметот.
„Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, по ова што мене ми се случи, не верувам дека било кој колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите“, додаде Русковска.
Таа смета и дека републичкиот обвинител Љубомир Јовески не е надлежен да одлучува за законитоста на претресот. Русковска не ги демантираше наводите во извештајот направен од двајца обвинители задолжени за надзор врз обвинителството со кое раководеше. Во извештајот стоеше дека на судот му се посочени погрешни факти за да се добие дозвола за претрес, како и дека предметот го водел ненадлежен обвинител.
„Дали е законит претресот или не е законит, исклучиво одлучува судот. Ние како обвинители сме странки во постапката и не можеме да кажеме дали претресот е законит или не е законит. Дотолку повеќе што било кој што сметал дека со претресот му е повредено некое право или е погрешно извршен, имал право на жалба до судот“, кажа Русковска.
Суспендираната обвинителка посочи не кажа дали пред претресот, презела било какво друго дејствие за да обезбеди докази со кои ќе има основано сомневање за сторено кривично дело.
„Предметот за Финансиската полиција, јас во вторникот почнав со сослушување на сведоци, всушност еден сведок. За среда имав сослушување на двајца сведоци, но тоа мораше да се одложи“, кажа Русковска.
Таа сега треба да ги предаде предметите кои ги работела.
„Во решението за суспензија е наведено дека предметите треба да ги предадам на колешката која е мој прв заменик. Истата е на годишен одмор, што значи дека не се наоѓа на своето работно место. Предметите не можев да ги распределам. А како што кажав, таа не може да ги работи, бидејќи и против неа има дисциплинска постапка. А секој оној обвинител кој би ги добил овие предмети, не знам како ќе постапува, повторно ќе кажам, поради тоа што мене ми се случува“, посочи Русковска.