Европската агенција за лекови може да одобри употреба на вакцина против два вида на коронавирусот, изјави денеска германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.
Тој очекува Агенцијата на 1 септември да ја разгледа употребата на вакцина против првиот вид и варијантата на омикрон, позната како БА.1.
Потоа, веројатно на 27 септември, европската Агенција ќе спроведе преглед на комбинираната вакцина против првиот вид и варијантата на омикрон БА.5, наведе Лаутербах.
Како што тој тврди, Германија обезбеди доволно количини од двете вакцини и ќе може да почне со употреба ден по одобрувањето.
Американската Агенција за храна и лекови претходно наведе дека комбинирани вакцини, познати како „бивалентни“ или „мултивалентни“, ќе ја задржат ефикасноста на првите против коронавирусот, истовремено давајќи дополнителна заштита против новите варијанти.
Таков пристап се користи кај вакцините против грипот, што секоја година се прилагодуваат во зависност од варијанти.
Извор: МИА