Руските сили денеска извршија напад врз два клучни града во источниот регион Доњецк и продолжија со ракетни напади врз други украински градови вклучувајќи го и Никопол, кој се наоѓа во близина на најголемата нуклеарна централа во Европа, потврдија украинските воени и локални претставници.
„На правецот Доњецк, непријателот спроведува офанзивна операција, концентрирајќи ги своите главни напори на правците Бахмут и Авдијевка. Непријателот користи копнени сили и воена авијација во офанзивата“, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб објавено на Фејсбук.
Гувернерот на источниот регион Дњепропетровск потврди дека тројца цивили се повредени откако руски ракети паднале врз станбена зона во Никопол, град на реката Днепар во близина на нуклеарната централа Запорожје, која од почетокот на војната е под руска контрола.