Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), објави денеска дека нејзина цел е да ја урне Владата на премиерот Албин Курти, во која и самата партиципира, јави дописникот на МИА од Приштина.
Причина за иницијативата за смена на власта во Косово, според денешното соопштение на СЛ, е тоа што „Курти работи против интересите на косовските Срби“. Повод беше обидот на официјална Приштина да воведе реципроцитет кон Србија во однос на идентификациските документи за српските државјани кои влегуваат во Косово (издавање влезно-излезни лиценци) и промената на регистерските табличи издадени во Србија со обележјето КС (Косово и Метохија)со косовски таблички со знакот РКС (Република Косово).
– СЛ не соработува со Владата на Албин Курти, затоа што таа работи против интересите на српскиот народ и наша цел е да го урнеме Албин Курти од власт, што е во интерес на сите сите кои сакаат да живеат во мир на овие простори, порача партијата на чие чело е Горан Ракиќ, кој е воедно вицепремиер и министер за враќање и за малцинства во владата на Курти.
Соопштението на СЛ, која е отворено поддржана и во постојана координација со властите во Белград и со српскиот претседател Александар Вучиќ, уследи по изјавата на косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, кој рече дека партијата на Ракиќ е „политички девалвирана“ и дека „Владата вооптшо нема волја да соработува со СЛ, затоа што таа партија соработува со криминални групи“.
Двете одлуки на Владата на Курти за рецироцитет кон Србија требаше да стапат во сила на 1 август, меѓутоа по блокадите и протестите, со пукотници од огнено одужје, во близина на косовско-српската граница и во средините во северно Косово населени со мнозинско српско население, и на барање на меѓународниот фактор, пред сé на амбасадата на САД во Приштина, Курти, заедно со претседателката на Републиката, Вјоса Османи и собранискиот спикер, Глаук Коњуфца, објавија дека спроведувањето на реципроцитетот се одложува за еден месец.
Извор: МИА