Седум од осум обвинети за настаните пред Собранието признаа вина пред Кривичниот суд. Дел од нив посочија дека се каат за тоа што се случува. Само еден кажа дека не го сторил кривичното дело за кое се гони.
Обвинетиот Младен Ристовски кој е во куќен притвор, кажа дека не сакал да го стори кривичното дело. Со него, во салата беше присутно и неговото семејство. Тој е редовен студент. Призна вина пред судијката.
„Не сум сакал, едноставно тоа што се случи се случи и не сакав ништо од ова да се деси“, рече Ристовски, на што судијката врати: „Толпата е опасна работа“, а тој врати „Не мислев дека ќе се случи ова“.
Иван Јосифовски кој има 18 години и се наоѓа во куќен притвор, а е од Радишани, учи во средното економско и правно училиште во Кисела Вода. Тој потенцираше дека никогаш не фрлал со предмети кон полицијата и дека не повредил никого.
„Не бев свесен дека правам кривично дело. Се чувствувам виновен, ја признавам вината за делото за кое се товарам“, кажа Јосифовски кој додаде: „Кон полицијата не фрлав“, а судијката му посочи дека ако признава вина, го признава и тоа.
Сепак, тој речи да го признае виното.
„Дали твојот камен или дали каменот на некој од твоите соборци, тоа не се утврдува. Сите вие заеднички сте дејствувале. Затоа е учество во толпа. Затоа не пишува дека Иван со ова дејствие го повредил ова лице. Тогаш немаше да биде учество во толпа“, кажа судијката Славица Андреевска, па тој кажа: „Давам признание, сигурен сум“.
Славчо Симоновски, единствениот кој е во ефективен притвор во затворот „Скопје во Шутка“ е неженет и осудуван, со завршено средно образование.
„Признавам вина. Свесно е дадено“, кажа Симоновски.
Бојан Стефановски од Радишани кој има 18 години и е четврта година средно во економско правно училиште, исто така призна дека е виновен за настаните пред Собранието.
„Се чувствувам виновен. Да ја признавам виновен“, рече Стефановски, а судијката сметаше дека можеби има задршка во признанието на вина, на што тој реплицираше: „Суво ми е грлото“. Обвинетиот кажа дека доброволно го дава признанието на вина.
Никола Михаиловски кој е неосудуван и со средно образование и има 22 години, исто така кажа дека чувствува вина.
„Ја признавам вината, признанието е свесно и доброволно“, кажа тој.
Виктор Стојков, кој учи во скопското средно угостителско и е во куќен притвор, а има 18 години посочи дека се чувствува вина.
„Да се чувствувам вина и се каам“, рече Стојков, а судијката посочи: „Не може да се прости“. Обвинетиот кажа дек признанието е свесно и доброволно.
Антонијо Величковски кој е во куќен притвор, а по професија е физеотерапевт и има завршено факултет, е единствениот кој не призна вина. Тој има 30 години и е татко на малолетно дете. Нему ќе му се суди во посебна постапка.
„Не се чувствувам виновен, не сум го сторил делото. Не ја признавам вината“, кажа Величковски.
19-годишниот Штефан Шуман кој е во куќен притвор, има завршено средно и ќе запише средно. Тој призна вина пред судот.
„Ја признавам вината, се чувствувам виновен“, кажа Шуман.
Обвинителката Наташа Сарамандова кажа дека ги гони за учество во толпа. Тие фрлале со тврди предмети кон Собранието, ја оштетиле оградата, но повредиле и полицајци.
„На 05.07.2022 година, пред зградата на собранието за време на собир на граѓани, обвинетите заедно и со други непознати лица учествувале во толпа што сториле насилства. На еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а на 22 лица им се нанесени повреди. Откако била тргната оградата, со непознатите лица, со тврди предмети, бекатонки, пиротехнички средства и молотови коктели фрлале кон зградата на Собранието и полицајците, додека тие биле распоредени во заштита на зградата. Тие причиниле штета на Собранието, а обвинетиот Антонијо Величковски, пред влезот на болницата „св. Наум Охридски“ учествувал во толпа која оштетило возило на полициско возило. Со рака го искршил ретровизорот, па дејствувал со непознати лица, па фрлал со бекатонки, па го прскале со спреј. Обвинетите сториле кривично дело учество во толпа што ќе направи кривично дело“, кажа Сарамандова.
Обвинетите се на возраст од 18 до 36 години. Судијката треба да изрече пресуда.