Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски вечерва организираше прием по повод отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија.
На средбата на која беше присутен државно-владиниот врв, пратениците, амбасадорите на земјите членки на ЕУ, политички чинители, претставници на граѓанското општество, на медиумите и стопанственици премиерот Ковачевски се обрати пред присутните.
„Овој пат не беше лесен, и за тоа сите сме свесни, и затоа, искрено ви се заблагодарувам на сите вам, за несебичниот ангажман, заложба и поддршка и ве охрабрувам да останете исто така ангажирани и во наредниот период. Вашата поддршка ќе е од непроценливо значење и понатаму, особено што сега треба да ги вклучиме сите расположливи капацитети и да работиме исклучително посветено за да можеме да ја имаме најбрзата можна интеграција во Европската Унија.
Имавме многу предизвици, но како што кажав и вчера, ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, и да не останеме заложници на минатото. Решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, да мислиме на нашата држава и на мирот, безбедноста, стабилноста и иднината“, кажа премиерот.
„За мене највисока форма на патриотизмот е носењето државнички и прогресивни одлуки, имајќи притоа јасна визија и план за иднината, и искрена заложба за просперитет на државата и на сите граѓани. Тоа е најчистата и најискрена форма на почит и љубов кон татковината“, рече премиерот Ковачевски.