Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, се спогоди со обвинителката Лиле Стефанова за случајот „Империја“. Се согласил да добие три години затвор, а на државата да и плати над 20 милиони евра.
„А1он“ дознава дека ќе се конфискува имотот кој го има Мијалков, вклучувајќи го и оној на Водно каде живее. Според извори од судот, каде спогодбата треба да биде и официјално постигната, ексдиректорот на УБК остана и без друг вреден имот, а дел од него е и во Гевгелија.
Според информациите до кои дојде „А1он“, хотелот „Мериот“ каде Мијалков и неговото семејство имаат удел, целосно преминал во сопственост на државата, односно сите 46 отсто од акциите кои ги има ексдиректорот. Во негова сопственост ќе останат и бензинските пумпи и депото за бензин. Имотот пак, што не може да се конфискува поради продажба, ќе се наплати од парите кои ги има фирмата „Макпоинт“ каде Мијалков е управител. Меѓу имотот кој ќе се запленува, се и дваесетина станови.
Неофицијално, според извори во судот, Мијалков ја променил и адресата на живеење. Тој наместо во Скопје, сега е жител на Гевгелија. Иако спогодбата е постигната во скопскиот Кривичен суд, упатен акт за во затвор треба да добие од гевгелискиот суд, а казната да ја отслужува во гевгелискиот затвор.