Лидерот на Демократски Сојуз, Павле Трајанов, чија партија е дел од владејачката коалиција, оцени дека за разгледување на францускиот предлог е потребно повеќе време и оти тој не би поддржал предлог за кој нема поширок партиски консензус.
– Моја сугестија е да се пролонгира целиот процес, пленарната седница да се закаже после усвојувањето на ребалансот, за да има десетина дена за сериозна расправа. Да се видат сите аргументи, да се види партиите какви ставови имаат и да се донесат заклучоци коишто ќе добијат поширока поддршка во парламентот. Ако имаме процес на надгласување, јас нема да гласам за таков заклучок којшто нема да биде усвоен со широк консензус – рече Трајанов.