Комисијата за образование во Пекинг објави дека сите основци и средношколци во главниот град на Кина можат да се вратат на часови.
Властите во Шангај прогласија победа над вирусот бидејќи во градот не е забележан ниту еден случај за прв пат по два месеци.
Двата големи града беа меѓу неколкуте во Кина кои воведоа ограничувања за да се запре ширењето на варијантата омикрон на Ковид-19 од март до мај оваа година, а Шангај воведе двомесечен карантин на целата територија, кој беше укинат на 1 јуни.
Властите во Пекинг ги затворија училиштата на почетокот на мај оваа година и им наложија учениците да се префрлат на онлајн настава поради наглото зголемување на случаите на Ковид-19, а на средношколците им беше дозволено да се вратат во училниците на 2 јуни.
Во Шангај, каде што на 1 јуни беше укинат двомесечниот карантин, денеска не беа пријавени нови локални случаи, било симптоматски или асимптоматски, според Ројтерс.
Во тој град со 25 милиони жители, масовното ПЦР тестирање ќе продолжи секој викенд до крајот на јули, а јадењето во затворен простор се уште е забрането во повеќето делови од градот.
Претседателот на Комунистичката партија на Шангај, Ли Чианг, на отворањето на партискиот конгрес на градот рече дека градските власти ја добиле војната за одбрана на Шангај од Ковид-19 следејќи ги инструкциите на кинескиот претседател Си Џинпинг и дека одлуките на Пекинг за спречување на епидемијата биле „целосно ефективни.