Подрачјата во светот, кои ќе бидат погодени од топлотни удари двојно ќе се зголемат до 2020 година, се наведува во извештајот на Меѓувладината комисија за климатски промени на ОН.
Овие прогнози претставуваат поголем повик за загриженост од заклучоците од минатогодишната конфренција за климата на Обединетите нации.
– Многу е веројатно дека должината на траење, зачестеноста и интензитетот на топлотните удари ќе се зголемуваат на поголемиот дел од копнените подрачја, нагласи Меѓувладината комисија, тело на ОН, кое ги собира резултатите од истражувањата за топлотните бранови од сите делови во светот.
Во извештајот се наведува дека летните температурни максимуми, кои ја погодија Австралија оваа година, делови од САД минатата и Русија во 2010 година зафаќаат пет отсто од Земјината копнена површина.
– До 2020 година тие подрачја двојно ќе се зголемат, а до 2040 ќе се зголемат за четири пати, велат научниците во студијата, објавена во списанието „Enviromental Research Letters“.
Топлотните удари најмногу ќе ги погодат тропските краишта, потоа подрачјата како Медитеранот, Блискиот Исток, територии на Западна Европа, средна Азија и САД.
– Во голем број подрачја до крајот на векот, најстудените летни месеци ќе бидат потопли од оние кои денес се најтопли, доколку не се спречи емисијата на штетни гасови, кои го предизвикуваат ефектот стаклена градина, изјави Дим Кумоу од Институт за истражување на климата во Постдам.