Хрватска го отфрли обвинението против Љубе Бошкоски за случајот „Раштански Лозја“, дознава „А1он“. Ексминистерот за внатрешни работи повеќе не е цел на истрага ниту, пак, ќе му се суди во Пула за убиство на седумтемина Пакистанци кај месноста Раштански Лозја во 2002 година.
„Еве, денес, конечно, по 18 години, го дочекавме крајот на казнената постапка против Љубе Бошкоски. По испрашувањето на сите сведоци, Државното правобранителство заклучи дека нема докази оти Љубе Бошкоски го направил казненото дело за кое се товари во случајот ‘Раштански Лозја’. Денес, конечно, добивме пресуда со која обвинението против Љубе Бошкоски се одбива“, рече Рајко Бранковиќ, хрватскиот адвокат на Бошкоски по пресудата.
Овој случај е повеќе од една деценија во Пула, а судот неколку години го држеше замрзнат поради тоа што Бошкоски беше во затвор.
Другите обвинети во овој случај во македонските судови добија ослободителни пресуди уште во 2006 година, а Бошкоски беше во затворот во Хаг.
Обвинителството го испрати случајот за Бошкоски во Пула поради неговото хрватско државјанство, па место да добие ослободителна пресуда во Македонија, мораше да му се суди од почеток во Хрватска.
Хрватските власти објаснуваа дека и покрај ослободителната пресуда за сите кај нас, на Бошкоски мора да му се суди, освен ако Македонија не си го побара назад предметот. Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, во неколку наврати извести дека нема пречки случајот да се врати во домашните судови, но тоа никој од Обвинителството и Министерството за правда не го направи.
Бошкоски вели дека со оваа пресуда завршува дводеценискиот политички прогон против него.
„Денеска, овде, во Жупанискиот суд во Пула, ја дочекавме пресудата. За жал, ова ми е втора пресуда монтирана во Македонија, а изречена во друга држава. Едната беше пред Хашкиот трибунал – ослободителна, а втората е тука, пред Жупанискиот суд во Пула, бидејќи судската власт, Обвинителството, немаше разбирање за предметот да го заврши во нашата држава. Од денес, дефинитивно, заврши мојот политички прогон, кој траеше две децении“, изјави Бошкоски по добивањето на ослободителната пресуда.
Бошкоски, по министерската функција, мина низ неколку судски процеси поради кои речиси десет години беше во затвор. Половина од десетте затворски години беа во Хаг, половина кај нас за случајот „Кампања“ за кој повторно се води судски процес, а Бошкоски докажува дека бил политичка жртва.