Здравствените власти во Европа и Северна Америка забележаа зголемен број на инфекции со вирусот на мајмунски сипаници од почетокот на мај, што ги зголеми стравувањата дека болеста, која е ендемична во делови од Африка, може да се прошири на други места во светот.
Светската здравствена организација (СЗО) побара внимателно да се следат контактите на заразените со вирусот. Шпанија, Португалија, Канада и САД вчера пријавија случаи на мајмунски сипаници. Шведска денеска пријави еден случај, во близината на Стокхолм. Исто така и Италија вчера го пријави првиот случај на оваа болест и денеска извести за два сомнителни.
„Јавните и здравствените клиники треба да бидат свесни за болеста, а невообичаените осипи на кожата треба да бидат прегледани од експерти“, соопшти синоќа СЗО. Ако постои сомневање за мајмунски сипаници, пациентите треба да бидат изолирани, се додава во соопштението.
Извор: МИА